Само 1,5 проценти од македонските земјоделци го осигуриле својот род од елементарни непогоди. Производителите не ги користат можностите кои ги нудат осигурителните компании, ниту пак субвенцијата од државата, која покрива 60 проценти од трошокот за осигурување. Најчесто, родот го осигуруваат градинарите, лозарите и овоштарите, но нивниот број засега е многу мал. Најголемиот број од нив се во Кавадарци, 340, Ресен, 250 и Неготино, повеќе од 200. Од околу 105.000 земјоделски стопанства само 1.300 се пријавиле за субвенцијата која го покрива трошокот за осигурување. Како најчести причини земјоделците да го избегнуваат осигурувањето се наведуваат ниското вреднување на земјоделското производство од страна на осигурителните компании и малиот број прифатливи штети во листата на осигурување.
Само 1,5 проценти од македонските земјоделци го осигуриле својот род од елементарни непогоди.
Производителите не ги користат можностите кои ги нудат осигурителните компании, ниту пак субвенцијата од државата, која покрива 60 проценти од трошокот за осигурување. Најчесто, родот го осигуруваат градинарите, лозарите и овоштарите, но нивниот број засега е многу мал. Најголемиот број од нив се во Кавадарци, 340, Ресен, 250 и Неготино, повеќе од 200. Од околу 105.000 земјоделски стопанства само 1.300 се пријавиле за субвенцијата која го покрива трошокот за осигурување. Како најчести причини земјоделците да го избегнуваат осигурувањето се наведуваат ниското вреднување на земјоделското производство од страна на осигурителните компании и малиот број прифатливи штети во листата на осигурување.
Годинава за оваа намена се обезбедени 35 милиони денари што е двојно повеќе од лани кога беа на располагање 17 милиони. Право на користење на субвенциите имаат фармерите со максимални површини до 10 хектари за лозови и овошни насади, до два хектара за градинарски култури и за тутун, до 20 хектари за житни култури и до 100 пчелни семејства.
Пред неколку месеци Платежната агенција и Асоцијацијата на осигурителни брокерски друштва потпишаа меморандум врз основа на кој брокерските друштва ќе бидат посредници меѓу земјоделците и осигурителните компании, а ваквата улога, на медијатори, ќе ја вршат бесплатно. Тие ќе ги информираат земјоделците за услугите кои ги нудат компаниите. Засега четири осигурителни компании во земјава нудат земјоделски полиси. Доколку се посевите осигурани, компанијата, во случај на елементарна непогода, е должна да го исплати земјоделецот најдоцна 15 дена по процената на настанатите штети.
Осигурителните компании го осигуруваат родот од моментот кога е засаден расадот до моментот на берење на плодот. Надомест за штета се исплатува само врз основа на склучена полиса. Од осигурителната компанија „Винер“ информираат дека нудат и дополнителна можност земјоделците, особено тутунарите, да платат само 10 проценти од сумата на полисата за осигурување на посевите и плодовите при издавањето. Останатите 90 проценти можат да се платат кога ќе им биде откупен родот, а за тутунарите тој рок завршува на 25 ноември.